АКТИВНИ КОНКУРСИ

КОНКУРС ЗА МЛАДИ СЛИКАРИ


Охридска банка Сосиете Женерал, во рамките на Клубот на таленти, го објавува јавниот конкурс наменет за сите заинтересирани млади уметници кои се насочени кон сликарството и кон цртањето. Целта на конкурсот е да се изберат учесници за ликовнатата колонија Вевчански видувања, која ќе се одржи во с. Вевчани во периодот од 22 јуни до 6 јули 2019 година
Право на учество на овој конкурс имаат сите млади сликари кои се на возраст од 18 до 23 години, односно кои имаат навршено 18 години на денот на аплицирањето и да не се повозрасни од 23 години на денот на аплицирањето.
Аплицирањето на конкурсот се врши електронски во периодот од 27 мај до 9 јуни 2019 година со пополнување на формуларот за апликација на веб-страницата во делот „Аплицирај“.
Во рамките на формуларот за апликација поставен на веб-страницата е потребно сите заинтересирани за учество да испратат пет фотографии од пет свои авторски дела во акрилна техника на која било тема.
Сите апликации пристигнати по 9 јуни 2019 година, како и сите некомплетни апликации нема да бидат земени предвид при изборот на финалистите кои ќе учествуваат на колонијата.
По завршувањето на конкурсот, Банката заедно со стручното жири ќе направи избор на максимум 12 финалисти и ќе ги објави на веб-страницата на 13 јуни 2019 година. По изборот на дванаесетте финалисти, со секој од нив ќе биде потпишан договор кој ќе ја регулира целокупната соработка со Банката.
Жири-комисијата ќе биде составена од тројца членови, од кои двајца искусни професионалци од областа на сликарството и еден член од Банката.
Вевчанската колонија се одржува во периодот од 22 јуни до 6 јули 2019 година во с. Вевчани. Дванаесетте финалисти ќе учествуваат на колонијата поделени во две групи, при што секоја група ќе престојува по 5 дена, односно првата група од 23 до 27 јуни 2019 и втората група од 28 јуни до 2 јули 2019 година. Сите трошоци за превоз, храна, сместување и за материјалите потребни за сликање ќе бидат обезбедени и покриени од страна на Банката.
Од дванаесетте финалисти ќе биде избран победник, кој ќе биде прогласен за член на Клубот на таленти на Охридска банка Сосиете Женерал и ќе добие парична награда во висина од 60 000 денари. Победникот ќе биде избран на финалната вечер, на која ќе се одржи хуманитарна аукција на дванаесет уметнички дела насликани од дванаесетте финалисти.